Најновото остварување „Атмосфера“ на Тејлор Џенкинс Рејд е можеби најкомплексното во нејзиното досегашно творештво. Вешто го имплементирала истражувањето за работата на НАСА во животниот циклус на Џоан Гудвин, притисокот и тоа не само атмосферскиот, што општеството го прави врз жената.
Aтмосферата е таа што дава живот, но секој нејзин слој не е погоден за живеење како што е тропосферата. Џоан Гудвин до триесеттите години живеела во удобноста на приземниот, најгуст слој со упатства и правила што ги следела, без отстапки и без ризик. Најлошо од сѐ – без љубов. Обземена од шармантната слава што ја нуди НАСА, замислата за бесмртно име, за титулата прв/прва, но и од познајничка-астронаут што со секој поглед и насмевка ја подига во вселената, Џоан првпат живее на работ на црната дупка наречена љубов.
„Џоан, имаме проблем!“
За Џоан љубовта е како откривање ново соѕвездие - изненадувачки возбудлива траекторија на поставени координати. Одеднаш разбудена од светлината и темнината на НАСА таа открива голема вистина за себе — која е и што сака. Веселата дружина на првите астронаути и експерти на мисија на програмата за вселенскиот брод штотуку го почнува своето макотрпно продирање во атмосферата. Но, 1984 година, незатворена врата, мала експлозија и глас преку врските за комуникација по кој копнее ќе ја исклучат од гравитацијата. Џоан е зад микрофонот и се обидува да остане приземјена, во буквална и преносна смисла, за да ја успокои љубовта што се заканува да стане вечност, да стане ѕвезда во согорување. А, таа би сакала да прошепоти „Те сакам до вселената и назад“, да биде чуено и возвратено и конечно да излезе од костимот што го носи пред светот за да го скрие својот вистински идентитет, под шлем што ѝ дава лажна сигурност, крпен живот.
Набрзо таа ги сменува без кочница атмосферските слоеви, дише слободно, па го запира здивот, лебди на свилената перница на светот, се издига до бестежински точки и ја крши секоја коска паѓајќи стрмоглаво на Земјата. И сето тоа во име на љубовта.
„Атмосфера“ е омаж за вистинската женска сила, за феминизам без пароли и препукувања, но каков што слободно струи во литературата и често е погласен говорник од оние на сцена.
Џоан е привлечен и допадлив лик на интелектуалка, за разлика од Евелин Хуго, која во животот рушела со убавина и сексуален магнетизам, сепак Џенкинс Рејд како да ја позајмила кројката од Евелин и ја прекроила за Џоан. Тие две се невообичаено блиски женски ликови кои имаат заедничка точка – вистинската љубов во погрешно време.
Јована Матевска-Атанасова