Никогаш доста од книги што ја слават женската сила! Првата книга е за генијалноста зад убавината, а втората за генијалноста зад генијалецот. Авторката Мери Бенедикт инспирацијата за главните хероини во нејзините романи ја позајмува од историјата. Таа преку интригантниот авторски глас не дозволува да бидат заборавени. Во продолжение е осврт кон нејзините книги „Единствената жена во просторијата“ и „Другиот Ајнштајн“, двете во издание на „Арс Ламина“.
„Единствената жена во просторијата“ - за Хеди Ламар - Генијалност зад убавината
Во 1933 се насетува тензијата што, како лонец под притисок, шишти над Европа. Хеди Ламар (родена како Хедвиг Кислер) се пробива на театарската сцена во Виена. Убава е и посакувана, свесна за квалитетите што ги поседува и за способноста да ги врти мажите околу малиот прст. Убавината не носи само добро, исто како што и Националсоцијалистичката партија во Германија ги врти весниците во Европа кон рубриката црна хроника.
За Хеди ќе се заинтересира Фридрих Мандл, можеби најпознатиот трговец со оружје на Стариот континент. Бидејќи ги има моќта и богатството за сојузници, тој не прифаќа одбивање. Така завршува слободата на Хеди, но и кратката кариера во театарот, со брак од обостран интерес – нејзиниот да ја преживее војната на повидок и неговиот да ја покори жената што наводно ја сака.
Љубовта и восхитот набрзо ќе прераснат во страв и болка. Наместо да се затвори во кутијата што сопругот ја скроил за да ја контролира, Хеди не мирува. Сфаќа дека влијанието што ѝ го одзема, а од друга страна занемарувањето што го добива како единствената жена во просторијата меѓу најголемите луѓе од Австрија, е од нејзина полза. Несреќна, контролирана, пред сѐ амбициозна, таа прави план.
Еден параброд, договор и изум за менување на фреквенциите на сонарите за торпедирање подоцна, Хеди Ламар е врежана во аналите на историјата, не како уште една убава жена, туку и како исклучително интелигентна личност што имала шанса да ја изобличи Втората светска војна.
Позната по: улогите во „Екстаза“, „Алжирци“, „Самсон и Делајла“, „Чудната жена“.
Помалку позната по улогата на коинвентор на радио-систем за фаќање фреквенции преку испрекинати бранови интервали, претходник врз кој е создадена и безжичната технологија. Иако си дала збор дека никогаш нема да ја поседува ниеден маж, таа по Фридрих Мандл стапила во брак уште пет пати.
„Другиот Ајнштајн“ – за Милева Мариќ Ајнштајн - Жената во сенката на генијалецот
Милева Мариќ ја имала целата брилијантна иднина пред себе. Зловолноста на судбината сакала да се роди во погрешно време, кога жените биле изоставувани од научниот свет, како електрони што кружат околу атомот само за да го наелектризираат.
Од малечка Милева уживала огромна поддршка од татко ѝ, кој ја турнал низ тунелот на образованието. Се запишала на програмата за физика на факултетот во Цирих и покажувала завидни математички способности. Била лековерна и со комплекс на ниска самодоверба поради физичкиот деформитет, кога едно бушаво момче ќе ѝ го привлече вниманието.
Дури ни договорот со најдобрата пријателка Хелена да се посветат на кариера наместо на маж нема да вроди плод, освен оној под папокот на Милева.
Штом новата улога станува сѐ поочигледна, Ајнштајн од љубезното и романтично момче се трансформира во сопруг што недоволно го испитала и, како црна дупка, ѝ ја влече среќата. Плановите што ги правеле како момче и девојка едвај ќе им се остварат, а првото црвено знаменце ќе се појави кога Ајнштајн од неа ќе побара да го приложи заедничкиот труд за капиларноста пред професорот Вебер само под негово име.
Се раѓа Лизерл, а судбината нема намера да престане да си поигрува со кревката Милева, порозивната страна од „еин штајн“ – едната карпа со Алберт. Зад генијалниот ум на Милева се криел слаб карактер, па таа, и покрај многубројните предавства од страна на Ајнштајн, чија генијалност, барем според романот, била да ја контролира и поткраднува Милева, останувала негова гранка. Несреќен брак, три деца и еден развод подоцна, Милева е турната во фуснотите на физиката, потпишана со ситниот фонт на родовите разлики.
Позната како првата сопруга на Алберт Ајнштајн.
Помалку позната по теоријата на релативитетот, за која постојат тврдења и наоди дека била идеја на Милева, посветена на прерано починатата ќерка Лизерл. Била една од петте жени примени на престижниот Технички институт во Цирих и единствена жена во групата за математика/физика.
Две револуционерни жени заборавени од историјата
Двете различни, а толку слични: Хеди со убавината како оружје, додека Милева била пригушена од наивноста и безиницијативноста. Во двата романи на Бенедикт се опишани екстремно моќни мажи – манипулатори, можеби дури и со степен на нарцисоидно нарушување на личноста.
Мандл го црпи своето „јас“ од неограничената слобода и ресурси што ги добива на тацна како еден од најмоќните луѓе во Австрија во 30-тите години на ХХ век, а Ајнштајн бил несозреан и егоцентричен – човек со IQ над 160 и коефициент на емоционална интелигенција близок до нула.
Но Хеди, и покрај тоа што била манипулирана, и самата манипулирала со Мандл, претставувајќи се како жртва и послушничка. За жал, Милева ја жртвувала својата грандиозност и се смалила до улога на куќна помошничка, па дури и добивала знаци кога смее да зборува, а кога да молчи.
Со „Другиот Ајнштајн“ авторката ќе ве држи на работ на побеснување додека ја набљудувате нејзината сува борба и помирување преку приказната. Наместо да живее, Милева преживувала – за разлика од Хеди, која преживеала затоа што решила да живее.