Одлика на Сара Пеканен е да се фокусира на порозивноста на човечката психологија, вклучително маските, фасадите и филтрите што главните ликови ги одгледуваат за да се интегрираат во општеството или да надминат катастрофален внатрешен конфликт. Од наивната и осамена Шеј до промискуитетната Џесика, преку пресметливата и манипулативна Лидија, авторката креира спротивставени ликови што се отелотворување на исконската борба на примитивните импулси на идот и задоволителната реалност на егото. Сите ликови, симпатични и одбивни, со нагласена парадоксалност го дразнат читателот да донесува избрзани заклучоци, стереотипи и предрасуди според сугерираното. Пеканен е концизна во градењето комплексни психолошки врски и нивна имплементација во “page turner” трилери. Несомнено дали билe дел од коавторската писателска кариера или од самостојно издание, авторката посветува дополнително внимание да ги направи ликовите, најчесто извадени од комфор-зоната при елитните предградија на Вашингтон или Менхетен, зависни од надворешно влијание, но со извор на изразени емотивни конфликти.
- „Куќа од стакло“ - Адвокат за најдобар интерес (АНИ)
Главна тема: детските трауми
Психолошки мотив: одранбените имиџ фасади
Професијата на Стела Хадсон е специфична. Таа работи на тромеѓето помеѓу психолошка опсервација, правни закони и социјално иследување. Често заборава каде завршува должноста на нејзината професија, особено затоа што и самата ја искусила неправдата да биде на другата страна на приказната — кревко и беспомошно дете. Откако деветгодишната Роуз се повлекува во одбрана со транзиторен мутизам, најверојатно како последица на претрпен стрес и сведоштво по смртта на нејзината дадилка, Стела ја отфрла професионалната престилка. Копа безмилосно и без престан, затоа што траумата што ја преживеала пред децении ја проектира врз Роуз.
Романот индицира популарно сознание — дека децата често се оптоварени од случувањата наоколу, дури и кога изгледа како воопшто да не се заинтересирани или го перципираат светот на возрасните. Електричен спој на егоцентрични родители, синдром на патолошка баба и девојче што не издржува под притисокот да ги заслужи очекувањата.
2. „Златната двојка“- Неконвенционален психотерапевт со одземена лиценца
Главна тема: привидно хармоничен брак
Психолошки мотив: опсесијата и маските изградени пред општеството
Некој би рекол дека најголемиот светски заговор се сродните души, односно high school sweethearts. Зошто заговор? Љубовните врски без изневерување, помисла на неверство, интриги и искри што потпалуваат анимозитет помеѓу партнерите се реткост во денешницата, така што нивното постоење останува ветва тема за полемика. И додека психолозите, вклучително и социолозите истражуваат на што се должи порастот на зголемената стапка на разводи, како и зошто по неверство партнерите не се отворени да простат, Пеканен со истражувачки сензибилитет ја лупи пулпата на табуизираните меѓупростори.
Психотерпиите како достапни и корисни алатки за разбирање и разбивање на крутите ментални јазли подлежат на множество правила, но, моќта да располага со ресурси е оставена во рацете на психотерапевтот. Синдромот на одврзани раце, во случајот Бишопови, ѝ припаѓа на Ејвори Чејмберс, психотерапевт со усвоен метод во десет сесии која поради радикалните техники дошла во судир со Комората. Ејвери е тврдоглава, сака да експериментира и да им сугерира на клиентите, додека во заднина, откако ги соочила со фазите како „ескалација“ или „изложување“ ги следи и ги набљудува нивните природни реакции по одредена дразба. Прекрасно четиво за киселата средина во која пропаѓаат долгогодишните бракови, за ластикот што се затегнува под површинската исповед и искреност
3. „Анонимна девојка“ - Истражувачки психијатар
Главна тема: етиката, моралот и брачната хигиена
Психолошки мотив: манипулацијата и фанатичка приврзаност со супер-егото
Доктор Лидија Шилдс е образована жена, средена и угледна, негува подмачкана целовитост. Излезена како од каталог на Мател, зрачи со сексапил и авторитет. Најголема доблест на работ на недостаток е тоа што знаењето што го стекнала образувајќи се го користи да ги чита и манипулира луѓето, при што секој нејзин поблизок контакт, меѓу кој и бракот, е доведен до опасност.
Стремежот за перфекција е нејзина слабост, толку мазохистичко управува со сопствените импулси да го уважи соодносот на етиката и моралот што живее во свет набаждарен со вештачки вредности. Таа лови профил на девојки кои се осамени и лесно сугестибилни, па ги користи како мамка за да добие валидација на сопствената несигурност. Без знаење и во момент на очај ќе загризе и Џесика, несвесна дека жената на која ѝ се воодушевува етапно ќе ѝ го соголи животот и ќе ги искористи лагите за да ѝ ја одземе душата. Лидија е искусен играч, но и Џесика не е офанзива за потценување. Додека студијата ја користи како параван, д-р Шилдс ужива во својот мал личен и недоличен експеримент.
Јована Матевска-Атанасова