„To die, to sleep – to sleep, perchance to dream –ay, there’s the rub,
For in this sleep of death what dreams may come…“
Hamlet, act 3, scene 1
Кога Шекспир од ракавичар станува раката што пишува, поради обезбедување финансиска стабилност Агнес се согласува Вилијам да отпатува во Лондон, да се заседла таму и да го повлече семејството. Соочена со големата промена во неговото размислување, очигледна дури и при изразувањето во пишаните писма, Агнес продолжува да го живее својот мирен и некомплициран живот во Страфорд, свесна дека нивната брачна постела нема да се стопли како некогаш.
Кога во 1596 година бубонската чума ќе отпатува од Александрија преку брод и ќе се најде на мониста кај шивачката од улица Илај, се затвора гранка на семејното стебло Шекспир. Празен кревет, чаршафи што го прегрнуваат телото и родители засекогаш обележани од прогонувачка трагедија која дури и едниот од нив не може да ја опише и долови толку сомелувачки остро и реално. Дали смртта ја поттикнала инспирацијата за денес, човештвото да ужива во електричните и неповторливи Шекспирови сонети? Дали Хамнет е жртвуван од некаква вонземска сила, од уметничка муза, за да ги отвори трезорите на творечкиот капацитет на Шекспир?
Во „Хамнет“ Меги ОʼФерел не го деградира големиот поет и драматург, туку го намалува неговото значење, го приземјува генијот до човек (Вилијам не е директно именуван во ниту еден сегмент и се споменува само како „татко“, „сопруг“, „латинист“, „синот на ракавичарот“). Романот не е воспевање на Вилијам Шекспир, ова е роман за Хамнет и Џудит, за Сузана, за Агнес, за Мери, за Елиза, за Џон, за Едмонд, за Ричард, за Бартоломеј. Имињата не се имиња на протагонисти од неговите драми затоа што се дел од вистината животна драма што се одиграла на улицата Хенли. Тие се ликови од плот и пот, со свои стравови и мечти што авторката ги опфаќа во блицот на кулминацијата - ненадејна смрт на член од ʼактерската екипаʼ.
Иако романот го носи името на Хамнет, постариот близнак на Вилијам и Агнес, носечки столб на нарацијата е Агнес, уште позната и како Ен Хатавеј. Таа е билкарка и жена со развиена интуиција што ѝ овозможува да ѕирне во иднината. Откако ќе се родат близнаците, не поминува ден да не си ја спомене визијата дека на смртна постела ќе ја испратат две деца, а таа има три. Токму визијата раѓа неспокој, ја прави анксиозна, раздразлива и претерано будна, но со оглед на предвидливата природа на жените од средновековието/раната ренесанса кои постојано се соочувале со загуби и биле социјално потиснати (што не соодветствува со просечниот портрет за денешната жена), исправено се држи со ставот на каријатид.
За човекот што ги напишал најпознатите драмски цитати, но и за жената што преживеала драма со трагичен крај. За детето со име што воскреснува на театарските штици низ светот, а чија судбина никој не се осмелил да ја дознае. Историска фикција со подлошка на силна психолошка студија за жените што останувале во сенка обраснати со мовта на заборавот, а носеле сонце, за мајчинската интуиција и единствениот цицач што живее со отворени рани до длабока старост – мајката.
Јована Матевска-Атанасова