Рокот на траење е определен период кога се смета дека производoт е ефикасен, корисен или безбеден за консумација. Секако дека на самиот рок влијаат и надворешни фактори, како условите на чување, а тој се разликува помеѓу ‘најдобро до’ и ‘употребливо до’.
Ребекa Серл го користи магичниот реализам за да ја прошета романсата до другиот крај. Нејзините приказни се книжевни гнезда на страст и стил со богата емоционална текстура. Читателот не може да претпостави кога ќе потоне во наглата книжевна депресија додека плива со Серл. Во последниот роман преведен на македонски јазик, авторката повторно претставува необична девојка што се наоѓа пред пресекувањето на судбински јазол.
За Дафне Бел љубовта е магија. Ваквата констатација не е во својство на стилска метафора, напротив, Дафне ја следи уникатна натприродна енергија во врските. Пред почетокот на секоја врска таа добива ливче, разгледница, писмо, салфетка со број на денови, месеци или години што го предвидува времетраењето на врската. Уште од петто одделение до последното ливче, прогнозата била експлицитно точна. Но кога ќе го запознае Џејк добива празeн лист. Веднаш помислува дека тој е нејзиното ‘среќно засекогаш’. Оптимизмот не трае долго, откако поттикната од малку помрачна прогноза, се убедува во најлошото. И додека романсата со Џејк прераснува во бајковита увертира за сериозна врска што би завршила во брак, судбината ги затегнува конците.
Дафне е обземена со моментот како дел од времето што иако е апстрактна конструкција претставува физичко помагало синхронизирано да ја најавува смртноста. Моментот постои за да обележи трагична или романтична метафора (‘се случи за момент’), но моментот постои и за да се опише карактерна особина (‘живее за моментот’). Овие две објаснувања се однесуваат на Дафне, таа е благодарна и вечно заљубена во љубовта, во шансите, во деновите што ѝ се лизгаат низ прстите како минијатурни зрнца песок.
Со заплетите на Серл читателот никогаш не е начисто. Ги урива гипсените прегради помеѓу романса и трагедија, ги извитоперува пропозициите на жанрот романса, но и мислењата дека романсите се површни четива, како што многумина критичари споредуваат — ‘брза храна’ што задоволува и наситува, но не е здрава. „Рок на траење“ е роман што поттикнува прашања, преиспитување на одлуките и изборите што ги носиме секојдневно, како и значењето на помирувањето и суштинската ‘така требало да биде’.
Дали постојат безбедни избори? Или секој избор на кој, нормално, човекот не му ја знае веригата на следства што ќе ја поттикне, е ризичен?
Јована Матевска Атанасова