Нуклеарните несреќи се доказ дека човекот не може да ја изменува и да ја контролира природата преку копче. За време на Студената војна големите држави брзале да изградат нуклеарни централи. Ривалството за нуклеарна надмоќ и за обезбедување на патент за масовна деструкција значело наметнување над светската економија и над политичката супериорност. Институтот за нуклеарни науки во Белград бил скриена гордост во Југолаславија, во тоа време рангирана помеѓу петте најперспективни нуклеарни програми. И тогаш…
Година 1958. Мирно октомвриско попладне на Универзитетот за нуклеарни науки во населбата Винча, Белград. Шестмина во просторијата со реакторот на нулта сила. Миризба на озон. Стравот станува седмиот учесник. Југословенските власти се алармирани и по првата деконтаминација, озрачените физичари се пренесени во Центарот за професионални болести во Белград. Набрзо е заклучено дека Југославија нема доволно капацитет, ниту знаење да се сноси со ваква медицинска итност. Се решава да се испратат за Париз под медицинска закрила на професорот Жорж Мате во одделението за иридациони болести при болницата „Кири“.
Дотука книгата би била типична хавариска проза. Но она што Горан Милашиновиќ го претставува е документирано следство на болеста и на здравствените тешкотии со кои се соочиле физичарите. Затоа што радијацијата им го нападнала имуниот систем и некои од нив примиле повеќе од 400 реми, што била превисока радијација дури и за југословенските дозиметри, единствената опција било физичарите да станат експериментални глувчиња ако сакаат да преживеат. За првпат во светот се извела трансплантација на коскена срцевина од несроден донор. Билансот? Неколку храбри француски донатори, меѓу кои мајка на четири деца, автомеханичар и еден доктор инволвиран во лекувањето ќе ја изменат историја на хематологијата.
За југословенскиот Чернобил јавноста не знаела сѐ до 1997 година. Како и самиот Чернобил, хавариите од нуклеарните погони, особено на териториите каде што владееле комунизмот и нему сродните системи, биле оспорувани и држени како строга државна тајна. Благодарение на романот на доктор Горан Милашиновиќ пред светот се обелодени една запоставена трагедија што отвора многу прашања. Зошто власта не го слушнала проблемот што во неколку наврати бил претставен поради невалидното мерење на алармот што го оспорувал експериментот? Дали за да се заврши експериментот, а со тоа и притисокот врз главниот инженер, тој го исклучил алармот токму тој кобен 15 октомври? Или, сепак, хаваријата била последица на недоволната заштита во просторијата со реакторот за која биле свесни и младите атомисти? Каква придобивка има човештвото од нуклеарните експерименти од 60-те години на ХХ век, освен војна и смрт?
Во романот, за да ја избегне директната импликација на вистинските жртви / херои, авторот им дал различни имиња од имињата на учесниците во хаваријата во Винча. Ова е исклучителен роман за надежта и човештвото, за напредокот на медицината кога е ставена пред свршен чин, но и за расцветаните врвки на федерацискиот чевел, вистина што децении по Винча ја живееме и ние. Иако Југославија не ја завршила прва трката по нуклеарен престиж, југословенските физичари станале првите луѓе во историјата на кои им била направена оваа, дотогаш неиспитана и високоризична процедура.
„Случајот Винча“ доби и филмска верзија. „Чувари на формулата“ ја имаше својата премиера во 2023 година, во режија на Драган Бјелогрлиќ. Главните улоги ги толкуваат: Радивоје Буквиќ, Алексис Маненти, Огњен Мицовиќ, Јован Јовановиќ, Алиса Радаковиќ. Филмот се закити со 33 интернационални награди и номинации.
*И покрај револуционерниот потег во 1958 година, онкологот и имунолог Жорж Мате не ја добил Нобеловата награда за медицина во 1990 година . Таа му била доделена на Е. Доналд Томас, доктор и истражувач во полето на коскена срцевина. Иако многумина сметаат дека неправедно бил изоставен, Мате, сепак, успеал да постави солидни темели во истражувањето на карциногените болести. Тој исто така забележал дека трансплантираниот графт може да дејствува хостилно и да го нападне телото, со што ја открил ГВХД-болеста. Овој исклучителен Французин во 1963 година објавил дека го излекувал првиот пациент со леукемија благодарение на трансплантацијата со коскена срцевина. Жорж Мате останал близок соработник на југословенските лекари. Во негова чест, во Белград е именувана дневна онколошка болница и една улица.
Романот „Случајот Винча“ од Горан Милашиновиќ е достапен во сите поголеми книжарници и онлајн на www.literatura.mk.
Пишува: Јована Матевска Атанасова