Лоти е симпатична седумдесетгодишна бабичка што ги претоплува остатоците од вечерата, игра бинго и томбола и оди на миса во црквата „Првиот завет“. Осамена е во огромната куќа на улицата Блубел Лејн во Бејклиф. Иако на прв поглед е жена, која со секој изминат ден се доближува до смртта, зад лежерните фустани и зад тешките драпери се крие шокантна вистина – Лоти е сериски убиец.
Таа нема образец на убивање, дејствува моментално и импулсивно, потпалена од внатрешен бес што го толкува како механизам за преживување. Во нејзиниот длабок замрзнувач, студен колку и нејзината дефанзивна логика, уредно спакувана и означена со етикети: „пилешко“, „свинско“, „ребра“, „туна“, „јагнешко“, „лосос“ и „шницли“, се наоѓа несреќната Плам – филмска ентузијастка што имала намера да снима документарна серија за неправедно осудени луѓе.
Лоти е исплашена дека нејзиниот мирен пензионерски живот ќе биде засенет од раката што неколкупати ја кренала врз туѓа глава. Не смее да ризикува. Таа е мајка и баба, а ќе биде и свекрва по вторпат, без оглед што снаата воопшто не ѝ се допаѓа, чие име ја потсетува на тркачки коњ.
Ликот на Лоти не е симпатичен. Штом читателот навлезе во нејзината ладна, пресметлива невротичност и во бруталната егоцентричност, ќе се најде во ситуација да навива или за антихероината или за невините жртви на кои таа си зела за право да им пресуди. Во романот постојат само две апсолутни вистини – тим Лоти и тим Правда. А Саманта Даунинг се согласува дека двете не можат да бидат задоволени. Но кој тег ќе преовлада?
Главната дилема: дали Лоти е социопат или психопат?
Модерната психопатологија, со брзиот и нескротлив здив на кој е изложена кревката ментална муниција на современиот човек, постојано ги редефинира овие две сродни категории. Се смета дека психопатијата е вродена, пресметлива ладнокрвност, со карактеристична апатија, додека социопатијата е моделирана од траумите во детството и од подолготрајната изложеност на нефункционална средина за раст и развој.
Според ова, Лоти е најблиску до психопатска структура на личноста, освен што не тежнее кон внимание. Таа е пресметлива, фокусирана, интегрирана во општеството, честопати водена од ниска и криминална побуда, речиси животински порив, кој нејзиното его го преведува како инстинкт и одбранбен механизам.
Ги користи занемарувањето од околината и перцепцијата што другите ја имаат за последниот старосен сталеж. Ги искористува предрасудите кон постарите лица и така непријателите ги напаѓа ненадејно. Иако се смета дека психопатите не умеат да чувствуваат и да одржуваат блиски врски, Лоти има син, има внуци, има пријателки. Сепак, привидната емоционална стега веројатно е потпомогната од нејзината вешта манипулативна природа – да изглуми и самата да си поверува.
Но она што Даунинг одлично го доловува е стравот од смртта – врежан „дефект“ во човекот, без оглед дали некој убива луѓе за „забава“ или стравува од казна во задгробниот живот. И не зачудува што Лоти се плаши, што Лоти размислува за смртта како за уште еден непријател.
За оваа бабичка, главниот предизвик не е да помине уште еден ден жива и здрава, туку да помине уште еден ден неказнето.
Но, дали ќе ѝ успее?
„Престара за ова“ од авторката Саманта Даунинг е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на www.literatura.mk.
Пишува: Јована Матевска Атанасова