„Ниеден човек не е остров сам за себе,
секој човек е дел од континентот,
дел од копното. “
-Џон Дон-
Во романите, а особено во трилерите, клучна улога покрај заплетот игра и местото на случување. Понекогаш сценографијата е таа што останува долго да пулсира по прочитот заедно со приказната, наметната како уште еден статичен лик. Според познатата поема на Џон Дон, ниеден човек не е остров сам за себе, што и често се потврдува во најзаплетканите трилери, во чија срцевина лежат меѓучовечки релации, трауми и фрустрации за кои жртвата и не е свесна сѐ до моментот на разоткривање. Но, за писателите, токму островите се тензична експериментална средина да ги „затворат” ликовите, да ги развиваат паралелно случувањата во минатото и во сегашноста и да претстават морбидна безизлезност што ќе заживее со читателот. Следните пет романи, во издание на „Арс Ламина“, се случуваат на острови и се одлични репрезентативни примероци на субжанрот „заклучена соба/остров”.
„Дивиот мрачен брег“ од Шарлот Меконаги
- Oстров Ширвотер, Антарктик
Читанка по биологија испреплетена со трилер-елементи и со климатска фикција. Романот на Шарлот Меконаги е доживување на сетилата затоа што читателот го носи во малку подзаборавен предел—на студените и снежни брегови на Антарктикот. Ширвотер е остров лоциран јужно од Тасманија, во близина на најстудениот континент, на чие тло се наоѓа најголемата банка на семиња во светот. Овој книжевен остров е дом на изумрени семенски видови што се чувале со децении, но и дом и неговите три деца. Мал заплет— погоден од климатските промени, островот од година во година исчезнува под површината на океанот. Истражувачите што привремено престојувале на островот одамна се заминати, единствената радиокомуникација не функционира, а екосистемот ќе биде нарушен по мал бродолом и телото на жена на брегот. Дом, Раф, Орли и Фен даваат сѐ од себе да ја спасат Роуан. Иако од поранешно мачилиште и касапница на китови и фоки Ширвотер прераснал во презерват што ќе го одржи човештвото по каква било природна катастрофа, тој не може да ги докрепи тајните. Роуан е сопруга на главниот ботаничар Хенк, кој, според тврдењата на Дом, го напуштил островот пред неколку месеци. Сепак, приказните на ниту еден од ликовите не се склопуваат и не се наивни. Дивиот мрачен брег во романот на Меконаги не е само географска одредница туку се однесува и на една метафора за бракот, за тагата и осаменоста, за недостигот и копнежот по сопатник. Човекот како и сите животински видови не ја поднесува изолацијата.
„Синиот час“ од Пола Хокинс
- Oстров Ерис, Шкотска
Син час – периодот пред изгрејсонце или веднаш по зајдисонце, кога сонцето е под хоризонтот, а небото добива темно сина нијанса
Ванеса Чапман е мистериозна и контроверзна сликарка и скулпторка. По нејзината смрт се разгатнуваат и се филуваат митовите и озборувањата што ја следеле низ животот. Пред нејзината смрт и по разводот со Џулијан, Ванеса купила куќа на изолираниот остров Ерис, поврзан со копното само додека трае одливот, односно 12 часа на ден. Осаменоста е голема инспирација за Ванеса, како и неверојатните глетки што недопрената природа ги нуди. Се чини дека уметноста ја однела предалеку, кога при постхумна изложбата на една инсталација, меѓу посeтителите ќе се најде форензички антрополог што открива дека коската од скулптурата е човечка. Обрачот од обвинувања се разгорува. Дали Ванеса го убила Џулијан кому му се изгубила трагата пред две децении? Каков бил односот на Ванеса со докторката Грејс, пријателски или интимен? Зошто целокупната колекција му ја оставила на љубовникот Даглас Ленокс, со која, по неговата смрт, раководат сопругата што ја изневерувал со Ванеса и неговиот син Себастијан? Бекер, вработен во фондацијата„Фербурн“ има задача да го испита ваквото недоразбирање, така што ќе отпатува на островот Ерис. Сепак, помеѓу изгниените гранки и скелети од умрени птици, тој ќе открие застрашувачка вистина.
„Списокот со гости“- Луси Фоли
- Неименуван остров во Ирска
Уште еден фиктивен остров во книжевноста што славните личности го користат за остварување каприци и лични побуди. Островот на кормораните, сместен на западниот брег на Конемара, е морбиден и рустикален, херметичка средина каква што Луси Фоли користи за да ја долови техниката ‘соба за бегство’, при што ликовите ќе се соочат со сопствената хистерија. Џулс Киган е позната публицистка, сопственичка на дигитално списание на која ѝ претстои венчавка со згодниот Вил Слатер. Двајцата се славни личности, под будното око на репортерите и папараците и, како дел од шоу-бизнисот. Џулс смета дека заслужуваат венчавка за паметење. Токму затоа, таа го избира изолираниот комплекс The Folly. Иако претстоистрашна бура, која и покрај прецизната временска прогноза, ги изненадува организаторот и гостите, најголем шок за вечерта е кога на крајбрежјето ќе исплива неочекуван гостин леш. Ова е приказна заплетена во јазли од минатото и морски алги.
„Фурија“ - Алекс Мајклидис
- Oстров Аура, Грција
Фурија — бес, виор; во староримската митологија една од божиците на одмаздата
За време на велигденските празници, шестмина патуваат до приватниот остров Аура, на бреговите на Егејското Море. На иницијатива на филмската дива Лана Фарар, која го наследила островот од починатиот сопруг, нејзиниот најдобар пријател Елиот, пријателката и колешка Кејт, вториот и значително помлад сопруг од неа - Џејсон, синот Лео, како и асистентката Агати, ќе бидат пречекани од домарот Нико. Но, не само што односите во групата ескалираат и станува сѐ поочигледен потиснатиот анимозитет, особено насочен кон нараторот Елиот, се менува и временската прогноза за овој мал, приватен остров во близина на трендсетерскиот Миконос. Ветриштата што навестуваат бури и го менуваат пејзажот, ги носат мирисот на сол, маслинови гранчиња и бес. Никој не е безбеден кога афектот на природата буди животински инстинкт во човекот. Се случува убиство. Кој е жртва, а кој е убиец?
„Не остана ниту еден“ – Агата Кристи
- Војнички Остров, Англија
На покана на извесни господин и госпоѓа Овен, десет гости пловат кон Војничкиот Остров и се сместуваат во луксузна и модерна вила. Навидум неповрзани меѓу себе сите ќе бидат обвинети за убиство. Домаќините се отсутни, но набрзо гостите доаѓаат до заклучок дека никој не ги познава господата Овен, ниту пак, дека ова е некаква шега. Паниката работи побрзо од разумот. Доцна е да се спасат, затоа што се сами на островот, на географска маргина, отцепени од цивилизацијата и од копното. Единствено што им преостанува е да се соочат со тајните и со гревовите што со себе ги донеле на островот. Со појавата на познатата детска песна „Десет мали инцијанци“, која е всушност нумеричка регресија од 10 до 1, правдата почнува полека да одбројува. Во тешкопредвидливиот манир на Агата Кристи, роман за кој и самата потврдила дека е најкомплексниот што го напишала, станува логичен со последната страница.
Јована Матевска Атанасова