Романот „Понекогаш се враќаат“ од Димитрие Дурацовски е исклучителен настан во македонската книжевност. Роман кој гласно одекнува и останува да татни во психата на читателот, уште долго по читањето. Најпрво ќе ве намами да не го пуштите од рака, па ќе ве онеми, за потоа да разбуди бура од емоции и размислувања. Овој роман мина низ мене како ураган и остави силен впечаток. Одамна ме нема допрено олку силно нечие дело. Емоциите со кои Дурацовски го пишувал романот, со ист интензитет се пренесуваат на читателот и затоа чувството е толку моќно. Долго време размислував за романот и ми требаше да соберам храброст да напишам нешто за него, чувствувајќи се мала и недостојна, да зборувам за вакво дело. Сепак се охрабрив, затоа што е важно гласно да се зборува за работите што вредат, и секој автор би сакал да го слушне доживувањето на читателот, бидејќи на тој начин се остварува синергијата писател – книга-читател, а кругот се затвора.
Да го раскажеш сопствениот живот е книжевен подвиг на кој многу писатели не се нафаќаат. За романот да биде исклучителен, како што во овој случај е, треба да се влезе целосно, без резерви, со отворени карти, до крај. Тука не станува збор за класична автобиографија каква што се пишува за познатите личности, туку за интимистичка, документаристичка автофикција. Тука авторот станува главен лик во романот, трансформирајќи се самиот низ пишувачки процес. Трансформацијата од автор во книжевен лик е комплексен чин. Притоа авторот влегува во улога на детектив, истражувач на документи, факти и фотографии, со чија помош нѐ води низ приказната на сопствениот живот. Дурацовски му пристапува на својот живот како хирург кој со перо ги сецира сеќавањата, доживувањата и емоциите, притоа правејќи свој психолошки профил, преку кој повторно се осознава себеси и се помирува со себе и со самиот живот. Се дава беспоштедно, како ова да е последното нешто што ќе го напише, иако искрено посакувам да не биде така.
Појдовната идеја за романот е да се запише сопствениот живот за ништо да не биде заборавено. Неговиот живот е тесно врзан со куќата и семејството, како да постои папочна врвца која ги поврзува и која не му дава да замине подалеку, на подолго, како некое сидро што го држи прикотвен и призејмен, негово одредиште, негова лична географија која го дефинира. Книгата започнува со изградбата на куќата во Струга неколку години по неговото раѓање. Секое сеќавање е поврзано со куќата, домот и семејството. Приказните ги поврзува и реди како да реди сложувалка, не по хронолошки ред, туку по природниот тек на мислата која често оди напред-назад, повторно навраќајќи се на некои слики, втиснувајќи ги посилно во свеста на читателот. Приказната ја води низ факти, документи, писма и фотографии, како да сака со нив да ја приземји, да докаже дека не е измислена, дека тоа не се само сеќавање на доживеаното, и сам на себе да си објасни како навистина било и што навистина се случило. Самите сеќавања бледнеат, како и фотографиите, и многу често мислиме дека се сеќаваме на нешто, а всушност да се сеќаваме не на самата случка, туку на она што ни го раскажувале блиските. Степенот на искреноста во романот е запрепастувачка, на моменти дури и детска, но мајсторството на Дурацовски е што во ниеден момент, не е банална или патетична, дури и во моменти кога буквално ни ги пренесува љубовните писма од младоста. Тоа се должи на писателската зрелост и умешност, на рационалното водење на приказната низ документаристичкиот приказ, притоа надополнет со прекрасни филозофски размисли, мудрости и речник на човек кој целиот свој живот го посветил на читањето. Токму поради таквите реченици би го читала романот одново и одново.
Некој ќе рече нема подобар режисер од Бог. Вистинските приказни се секогаш помоќни од измислените. Пред нас имаме едно хармонично семејство, составено од млади родители и две деца, во повоена Струга, полни со живот и љубов, полни со надеж за иднината. И токму во најхармоничниот момент, една идилична слика на фамилијата собрана околу новогодишната елка, еден филмски момент на заедничко кафе во кујната со мелодијата „Ах љубов, сладок сон“, молскавично се крши со смртта на таткото. Овој настан е гранична одредница, на понатамошниот тек на нештата, момент по кој сѐ се менува. Момент кога едно детство се прекинува и детето прерано станува човек, но и причина човекот засекогаш да остане повредено дете во тело на возрасен, кое се бунтува и не се помирува со неправедната судбина. Целото растење, созревање, страдање, осознавање на светот и начинот на доживување на себеси во светот е предодредено од овој настан. Загубата е страшна и се чини како да му се случила само нему, на малиот Димуле, но вакви загуби, за жал, се случуваат на многу семејства. Секој човек и секое семејство има свои лични загуби и затоа читателот многу лесно може да се идентификува со болката што толку силно се чувствува во книгата. Како понатаму од оваа точка, ако не со поддршката на поширокото семејство. Таа сплотеност и солидарност, ги крепи и во најтешките мигови. Една сцена што ја прикажува таа семејна кохезија е гледањето на семејни фотографии и раскажување на приказните, помеѓу неколку генерации, седнати на верандата на летна омарнина. Раскажувањето на приказните ја дава топлината на огништето, го прави домот дом. Споделувајќи ја семејната историја, преданијата не се препуштаат на заборават, туку од колено на колено се пренесуваат на идните генерации.
Она што особено ми се допадна во овој роман е тоа што Дурацовски, преку сеќавањата од безгрижните младешки денови полни џагор, толку умешно ја опишува радоста на топлите струшки лета, што можеш низ речениците да го помирисаш летниот езерски воздух помешан со мирис на лубеница и зрели цреши. По малку носталгично го романтизира тоа време на младешка полет и преку неа успева да докаже дека животот колку и да е исполнет со сирова болка, во суштина е убав и како таков вреди да се живее. Опишувајќи ги летните авантури, собиранки, дружби во времето на хипи движењето, откривањето на музиката и списанијата, книгите, возбудите на првите љубов и првите срцекршења, го прикажува животот во Струга во шеесеттите и седумдесеттите години. Тоа што исклучително ми се допадна, покрај филмското раскажување и живите визуелни слики, е своевидното зачувување на начинот на кој се живеело во минатиот век, многу различно од денешното секојдневие кога пораката ни стигнува во истата секунда кога е испратена, од времето кога пристигнувањето на писмото се чекало со денови.

Фотографијата на која Димитрие со другарите се сликани боси, пред да тргнат пеш од Стуга за Охрид и целата приказна која произлегува од таа фотографија е белег на едно време, кога се одело пеш боси до Охрид и се пиело сок од трендафил, со еден таков младешки елан за живот, за откривање на недостапните знаење, кога се имало малку материјални добра, а толку многу чиста радост и среќа. Дел од таа фотографија е искористена за насловната корица на книгата, која заедно со часовникот во позадина кој ја симболизира минливоста на времето, е идеално графичко решение кое најдобро ја доловува содржината. Ми се допаѓа тоа што Дурацовски заедно со уредничката се одлучиле да не ги стават фотографиите, да не може да ги видиме, туку само да ги замислиме, по деталните описи кои авторот ги дава, заедно со приказните поврзани со и околу нив. Ефектот е посилен и помоќен, отколку веднаш да се потпреме на визуелното.
Една од најубавите приказни во романот, која може да биде и расказ сам по себе, е последното патувањето на Дурацовски со неговиот татко и средбата со младиот писател Петре М. Андреевски, кој во таа пригода му ја подарува својта прва книга, книга која децении подоцна ќе ја пронајде во една од фиоките на ормарот во куќата, заокружувајќи ја повторно целата приказна.
Патувањето во Белград, коминикацијата со тамошната уметничка и културна сцена, радоста од откривањето на музиката, книгите и списанијата, жедта за знаење и уметност, личниот образовен и творечки пат, толку живо пренесен, е вистинско богатство од информации и емоции, своевиден дневник на едно живеење, на една култна уметничка сцена, на кое читател како мене не може, а да не се насладува.
Фасцинантно е што во ниту еден момент Дурацовски не се претставува себеси како голем писател и уметник, каков што е, кој оставил силно влијание врз македонската култура, туку како обичен смртник и грешник чие време истекува и кој се бори со своите лични демони. Премногу скромен, дури и премногу самокритичен, свесен дека некои животни избори неповратно го формирале и направиле да биде тоа што е. Оваа книга е споменик, паметник, конзервирано парче живот во време и простор. Силно поврзан со куќата, куќата како жива материја, која расте, се менува, созрева и старее заедно со него, како втора корупка на душата, душата затворена во телото, телото затворено во куќата. Со објавувањето на оваа книга може да се каже: душата затворена во телото, телото затворено во куќата, куќата затворена во книгата.
Не можам да не го спомнам ликот на мајката, со која лично се идентификував. Добро ми е познато чувството кога треба да си силен за децата, е не си силен ни за себе. Во најдлабоката болка таа наоѓа прибежиште во книгите, и повторно се докажува дека во некои случаи книгите спасуваат животи. Мајката е столб и стожер на куќата, но и покрив. Љубовта и жртвата на мајката, која сама израснува и воспитува две деца и ги вади на пат, се рамни на херојско дело. Најголем споменик кој Дурацовски можел да го изгради за својата мајка е токму пишувањето на оваа книга. Сигурна сум дека кога би ја прочитала би уживала во неа, како пасионирана читателка.
Ликот на вујко Иле, маркантна фигура нешто помеѓу татко и брат, секогаш тука кога е потребен, со дискретна и постојана поддршка, на крајот повторно не враќа кон минливоста на постоењето и кревкоста на човечкото битие. Во моменти кога помислуваме дека едно срце не може да издржи повеќе загуби, пристигнува уште една, која прави нова корупка околку него.
Да се гледа животот како ви поминува пред очи, да се видите на стара фотографија, на која сте единствен преживеан од сите на неа, го прави човека да биде понизен пред минливоста и конечноста на животот. Да се биде меѓу последните, значи да се научи да се живее со многу загуби. Од сите можни сценарија и животни избори, Дурацовски ја избира самотијата како сопатничка, добро позната константа, од која знае што да очекува и како да се справи, која добро ја носи, како стар удобен капут, како сигурносно ќебе. И да не е таа самотија и таа темнина, нема да има суштина, сирова болка, жив крик, со кој толку силно ќе ја осветли својата уметност.
Луѓето кои биле дел од нас и кои направиле да бидеме тоа што сме, кои оставиле белег, постојано се враќаат во нашите мисли и сеќавања. Понекогаш се враќаат и во соништата, а понекогаш и како сенки и привиденија со кои треба да живееме и се помириме.
Крајот преминува во магичен реализам, едно крешендо на автофикцијата со која се запечатува една животна приказна.
Искрено ја препорачувам оваа книга на сите кои се подготвени да минат низ еден силен емотивен ураган, без да се плашат да чувствуваат.
Снежана Стојчевска