Лили Кинг е aвторка со препознатлив фабуларен и стилски сензибилитет. Нејзините романи се остроумно смислени љубовни триаголници во чија геометриска средина доминираат егзистенцијални дилеми: сигурноста, верноста, морално исправното и раскршената призма на општествено прифатливото. Младоста не е без причина изедначена со лудост. Тоа е стадиум кога детето во секоја индивидуа созрева да се избори со изборите што до предмалку некој друг ги правел во негово име. Преминот кон возрасен не е секогаш безгрижен и безболен. Јачината на неправедноста што центрифугално ја движи реалноста наречена “живот” ќе ја доживее и Кејси, која подоцна го добива прекарот Џордан. За време на студентските денови кога е неопходно да се посвети пропорционално и на студиите и на социјалниот живот, Џордан се запознава со двајца најдобри пријатели, Сем и Јаш. Деновите надвор од кампусот Френклин Терас им изминуваат слушајќи ги: Bob Dylan, Steve Miller Band, Talking Heads со интелигентни анегдоти и референци од големи книжевници и есеисти, какви што се: Драјден, Лоренс, Хјум, Т.С.Елиот.
Таа започнува љубовна врска со Сем, но како што врската прогресира, меѓусебната близина со Јаш се продлабочува. Ова необично трио полека станува трилинг. Хормоните, стресот, одлуките и животот на академски раб носат турбулентност и непостојаност. Перцепцијата на Џордан е засенета од исклучителниот и пргав Сем, но и од нежниот, шармантен и принципиелен Јаш.
Љубовта е посилна од ризикот да го расипат пријателството и додека изгледа дека најголемиот товар го носи Јаш, сите ја губат партијата еднакво катастрофално : Сем се коцка со интегритетот и довербата, а Џордан е напуштената и изневерена од фатаморганата за иднината што ја кроела низ месеците означени со романса и со авантура.
Иако експертите сметаат дека ризикот може да се пресмета, постојат животни сфери, каква што е љубовта, каде што еден и еден не се два, како во случајот со Џордан, Сем и Јаш. Години подоцна кога страста и предавството се одамна зад нив, а Џордан станала популарна писателка, патиштата неочекувано ќе им се вкрстат. Како среќа во поделена рака, тука се за да се соочат со фантомите од минатото. Стравот да се оди до крај, да се прескокне шилестата ограда на гордоста и да се прифати каењето предизвикано од направените грешки како благослов е уште еден стадиум што тројцата треба да го поминат пред крајниот—простувањето.
Јована Матевска Атанасова