Џон ле Каре ѝ припаѓа на класата автори што му останале верни на еден жанр, а во борбата да бидат истиснати како дефинирана жанровска литература потфрлиле. Неговите романи, и покрај шпионското јадро, носат исклучителен пишувачки талент, густа проза и длабоки карактерни засеци обременети од карактеристиките на литературната фикција, линии што полека, но сигурно се бришат во современата книжевност.
Во „Кројач, крпач, војник, шпион“ тој го потврдува своето присуство на литературната сцена како неприкосновен писател на шпионски романи кој истовремено и го реобликува жанрот. Романот е делумно инспириран од вистинска приказна за двојниот агент Ким Филби, советски шпион што продрел до највисоките ешалони на британските тајни служби.
Џорџ Смајли е пензиониран шпион кој добива задача да го разоткрие кртот што се вгнездил во службата, нарекувана Циркусот. Тој е спротивност на елегантните агенти прикажани како Џејмс Бонд — не е претерано зависен од технологијата и од разните шпионски гаџети, туку прилично често ја користи моќта на дедукцијата, која во комбинација со неговата аналитичка природа му помага да ги сврзе фактите со кои располага. Вешто ја користи и емпатијата како предност, но и како средство за манипулација.
Крпачот — Перси Алелајн
Заслепениот водич на Циркусот, кој поентирал по успешно завршена мисија. Опседнат е со маската на моќта, предводен од суровоста на егото, но поради тоа е и лесно манипулативен.
Кројачот — Бил Хејдон
ВИП-личноста од редовите на Циркусот, неверојатно интелигентно момче од високата класа. Со својата харизма го освојува секој што ќе се најде во негова близина.
Војникот — Рој Бланд
Претходно бил ангажиран за источноевропскиот блок и бил инволвиран во операциите со Железната завеса. Тој е претерано циничен, со големо војничко искуство зад себе, мотивиран од површни мотиви, какви што се статусот и богатството.
Сиромавиот — Тоби Естерхејс
Унгарски бегалец што бил спасен од Смајли. Тој е анксиозен и нетрпелив да се вклопи во британската заедница, пред сѐ во службата. Токму потребата да му паразитира на домаќинот за кого се прикачува, со цел да обезбеди независност и сигурност, му ја отскрива ранливата страна.
Фатени во мрежа од корумпирана совест, Џон ле Каре ги приготвува на тивок оган, осомничените, но и луѓето инволвирани во случајот. Тие пред читателот се разоткриваат полека и четивото бара концентрирано читање за да не се пропуштат малите детали, затоа што Ле Каре не ѝ препушта ништо на случајноста.
Романот е голема книжевна партија на „Откриј го убиецот“, само што тука станува збор за двоен шпион. Интересна загатка за љубителите на дедуктивни романи, кои поттикнуваат согорување на сомнежите, трка по вистината и внимателно следење на микроаспектите на приказната.
Книгата е адаптирана во филм во 2011 година. Филмот го режирал Томас Алфредсон, а главните улоги ги толкуваат: Гери Олдман, Колин Фирт, Том Харди, Џон Хрт, Бенедикт Камбербач.
Јована Матевска Атанасова