Човекот се чувствува немоќен спрема времето. Научил да го приспособи и да го скроти просторот, да експериментира и да ја обликува материјата, не и да живее надвор од стрелките. Додека физиката го оправдува и го нагласува светото тројство — материјата, просторот и времето, луѓето мора да ги прифатат минливоста и неповратната природа на животниот век. Исклучок од ваквото правило се жените од семејството Новак. Низ генерациска спрега тие добиваат билет за назад, можност да се вратат, да избришат развој на настани или некаква трагедија. Секоја од нив го чува билетот како чивија, пришиен до срцето, а истовремено и со товар над емоциите. Овој билет отвора егзистенцијални прашања, меѓу кои и: Дали го искористиле за вистинска цел? Што доколку поголем проблем чека зад линијарот на деценијата? Која одлука би ја избришале и како ќе влијае тоа врз натамошните случувања?
Лорен знае за постоењето на билетот од својата петнаесетта година, впрочем откако мајка ѝ Марсела ќе ѝ каже дека го искористила билетот за да го врати нејзиниот татко Дејв во живот, по катастрофална сообраќајна несреќа. Лорен никогаш не се потпирала на силата што билетот ја носи, често и го заборава. Има одличен живот, чекори низ триесеттите години, има долгогодишно момче / свршеник, вљубена е и среќна. Единствената празнина што ја прогонува е борбата за потомство.
Откако Лео, нејзиниот свршеник, добива работен ангажман во Њујорк ‒ снимање на канцелариска драма, Лорен решава да го помине летото во куќата на нејзините родители во Малибу. Во куќата покрај Дејв и Марсела живее и нејзината откачена баба – Силвија, која млада останала без сопруг, па по турбулентната младост животот ѝ го посветила на ќерката единица. Иако врската помеѓу Силвија и Марсела не е конвенционална, Лорен се преиспитува и копнее по блискост и поврзаност. Смета дека Марсела е опседната со добросостојбата на татко ѝ, особено затоа што ја демне сенката на сопствената одлука – дека билетот за враќање на времето назад веќе не постои.
Додека деновите на присилна разделба помеѓу Лео и Лорен минуваат, во Малибу Лорен се соочува со минатото кое доаѓа да ја прогонува со ликот на Стоун ‒ нејзино поранешно момче. Се чини дека сметките и емоциите не биле целосно расчистени, а искра се распламтува помеѓу високите џиновски бранови и нивната страст кон сурфањето.
Ребека Серл повторно си игра со магичните елементи. Уште една семејна драма и романса што читателот го држи на работ. Таман ќе помислите дека кулминацијата поминала, а тогаш ведрината е расцепена од електрицитетот што романите на Серл ги прави толку неодоливи ‒ неочекување спакувано во неизвесност. Интересно е како ѕиркањето во иднината и враќањето во минатото, симетрали по кои копнееме, можат да бидат заводливо поразителни, па дури и сугестивно да стават тврд огламник над судбината. А човекот се движи во просторот помеѓу мантинелите, ограничувањата поставени од стравот и несигурноста во направените избори.
Книгата „Само еднаш“ од Ребека Серл, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во книжарниците на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
Пишува: Јована Матевска Атанасова