Најнови изданија

Велко Неделковски: Стихозбирката Тишината на зборот е за оној молк по ехото на изговорениот вистински збор

28.01.2021.
Велко Неделковски: Стихозбирката Тишината на зборот е за оној молк по ехото на изговорениот вистински збор

Еден од најактивни македонски писатели, Велко Неделковски неодамна ја издаде својата нова стихозбирка „Тишината на зборот“. Овој писател и сценарист е познат како автор на култната домашна серија „Втората смена“, добитник е на наградата за животно дело од Македонската радио-телевизија како и низа признанија за своите романи, раскази, радио и телевизиски драми и серии. Во 1986 година ја освои наградата за најдобра книга за деца на „Струшките вечери на поезијата“. Стихозбирката „Тишината на зборот“ е издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и е достапна во книжарниците „Литература.мк“ или да се нарача онлајн на www.literatura.mk

* Може ли да ни го претставите ова ваше дело во кратки црти?

Стихозбирката „Тишината на зборот“ е дел од моето поетско творештво, избор од него, строга антологија. Во осумдесет песни – пеења содржани се рефлексивни стихови: мои дилеми и неспокојства, мисли и медитации, сознанија и проблесоци, зрно мој личен страв поради минливоста... Искрен лиричен пој, кој инспиративно е поврзан и со фолклорни нишки од народно и народско стихување. А, сите ние имаме зборови уште некажани!

* Која беше вашата инспирација зад ова издание?

Ме инспирира, без малку, сѐ што ме опкружува, возбудува, засега, успокојува или плаши. Секој мотив е вез од шара, но и засек од длето и чекан, вистина која чека докрај да биде разоткриена. Во слава на буквите, за духовен растеж на светот. Треба да се остави запис за времето и за себеси во времето.

* Вообичаено, почесто се зборува за силата и гласноста на зборот. Но, зошто одлучивте ова издание да го наречете токму „Тишината на зборот“?

Постои тишина на зборот, тврдам! Тоа е оној содржаен молк по ехото од изговорен вистински збор. Тоа е онаа светлинка што се населува во срцето на слушателот – читателот. И таму е громогласно тивка, а тивко гласовита. Тој и таков вид креативна тишина, која трае и облагородува, предупредува и подучува, жигосува или дели скржави пофалби.

* Вие сте чест соработник на „Арс Ламина“. Што Ве врзува со оваа издавачка куќа?

Да. Јас сум ексклузивен автор на „Арс Ламина“, издавачки лидер. Одлично соработувам со тимот составен од луѓе кои со својата голема љубов и посветеност ја објавуваат својата и наша, многу значајна, културолошка мисија. „Арс Ламина“ и јас како автор имаме големи планови и за идна плодоносна соработка.

* Дали работите на нешто ново во овој момент?

Работам, секако. Завршив и стилизирам една моја оригинална збирка хаику-поезија. Обемна, околу илјада тристишја. Паралелно сликам и мини-акварели, портрети на луѓе што ги среќавам. Би сакал, иновативно, и тие да бидат дел од оваа идна книга. Како дополнет и продолжен запис, како спрега на литературното и ликовното од иста творечка рака. Веќе ја навестив оваа книга кај мојот матичен издавач „Арс Ламина“.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

12.
Jan.
Најнови изданија
„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот.
array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.93 MB