На 2 Август го одбележуваме Денот на Републиката – Илинден, голем државен празник што има посебно значење за историјата на македонскиот народ. На овој датум во 1903 година започнало Илинденското востание, а во 1944 година било одржано Првото заседание на АСНОМ. На овој ден православните верници го празнуваат и верскиот празник Свети Илија (Илинден).
Оваа година овој значаен ден го одбележуваме со новата книга за деца „Времеплов: Мисија Илинден“ од Перица Сарџоски, која неодамна излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Книгата е дел од едицијата „Читанки“ и е наменета за сите деца што сакаат да прочитаат книга повеќе, но и преку возбудлива приказна да научат повеќе за македонската историја.
Шест градски деца, како и секое лето, заминуваат на распуст во Лазарополе. Таму веднаш почнуваат да го доживуваат летото на поинаков начин – затоа што веќе се пораснати! Во потрага по нови авантури, стигнуваат до колибата на еден пензиониран професор по историја. Тогаш приказната започнува по вторпат – авантуристички и наназад, директно во деновите од нашето славно минато.
Според принципот „Што ќе одбереш?“, читателот има можност да избере дали ќе ја следи приказната континуирано или ќе скока низ одделни поглавја. Но, како и да е, книгата е така обмислена што кон крајот, секако, ќе мора да се прочита цела.
„Времеплов: Мисија Илинден“ е интересен авантуристички и историски роман во кој современи, урбани деца од денешницата патуваат низ времето и се среќаваат со значајни личности од македонската историја, меѓу кои се: Јане Сандански и Никола Карев. Преку нивната авантура, младите читатели се запознаваат со настаните од илинденскиот период на близок и на возбудлив начин.
Перица Сарџоски е роден во 1976 година во Тетово, во Македонија. Дипломирал на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Катедрата за англиски јазик и книжевност, во 2001 година. Сарџоски е поет, писател, преведувач и толкувач, истражувач, едукатор, иноватор на образовни програми, како и основач на училиштето за англиски јазик „Пегасус ЕЛС“. Ги има објавено: поемата „Карпа жива“ (2005), романот „Цветниот пат“ (2006) и стихозбирката „Огнен пој“.
Книгата е достапна во книжарниците на „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.