#Bookstagram

#Bookstagram интервју со @bibliophiles_____

04.03.2023.
#Bookstagram интервју со @bibliophiles_____

Продолжуваме со интервјуата со најпосветените #bookstagram корисници кои го збогатуваат онлајн-просторот со своите препораки, рецензии и воопшто убав пишан збор и секогаш се активни поддржувачи и пријатели на македонските издавачи.

Во второто од серијата #bookstagram интервјуа ве запознаваме со две прекрасни девојки, Билјана и Моника, кои „се кријат“ зад профилот @bibliophiles_____, кој секојдневно и неизбежно ни го разубавува нашиот инстаграм-фид со новости.

Билјана и Моника по првпат се запознале во деветто одделение на дочек на Новата година. Но, по таа вечер патиштата им се разделиле, сè до септември истата година, кога се запишале во средно училиште во истиот клас. Билјана го запомнила ликот на Моника, но Моника не се сеќавала на таа прва средба. Цели четири години делеле иста клупа. @bibliophiles_____ профилот го почнале пред три години, на 23 септември, на почетокот на нивната последна средношколска година (2019). Се сеќаваат на тој ден, како да било вчера, кога по пат разговарале за книги, одејќи на час по игроорна. Одеднаш на Билјана ѝ дошла идејата да направат свој профил за книги и веднаш ѝ ја предложила на Моника, која секако се согласила без размислување. Така се родил профилот bibliophiles______ и тој ден (23 септември) го сметаат за роденден, кој веќе три години го прославуваат на нивни специјален начин.


Во продолжение проследете ги одговорите на прашањата што ги подготвивме заедно и уживајте во интервјуто.

 

Која ви беше омилена приказна кога бевте деца?

Билјана: Засекогаш омилена ми е „Девојчето и дванаесетте месеци“, бидејќи носи силна порака за тоа што е добро, а што лошо. Со други зборови, ја потврдува народната поговорка, која вели: „Добриот збор железни врати отвора“.

Моника: Па, верувам, како и за повеќето деца, приказните што ме освоија кога бев мала беа
„Црвенкапа“, „Пепелашка“, „Снежана и седумте џуџиња“ и многу други.

 

Како одлучувате која книга да ја купите/изберете/читате следна?

Билјана: Доколку купувам книга, изборот прво ми почнува од жанрот, односно најчесто читам романси и драма, а поретко трилери, мистерија, популарна психологија или автобиографии. Хорор и научна фантастика никогаш не сум читала. Следен е авторот. Најчесто купувам од веќе „проверени“ автори, од оние од кои веќе има прочитано неколку книги. Доколку ми се допадне кратката содржина на задната корица, ја купувам. Корицата не ми игра многу важна улога во одлуката, за разлика од цената, кога често се случува да ми го смени мислењето и да почекам до следниот попуст.

Моника: Ги купувам оние книги што ми се препорачани од блиски, оној жанр што сакам да го читам во моментот (некогаш е романса, некогаш трилер), ги купувам книгите од омилените автори и, секако, ги купувам тие книги што ги сака мајка ми (ха-ха-ха). Во однос на тоа која книга ја читам следна, секогаш гледам тоа да биде романса, па следно трилер за читање и така наизменично. Се разбира, секогаш има некои исклучоци, но се трудам да го одржам тој ред.

 

Имате ли омилено место за читање?

Билјана: Не. Читам каде било и во секое време. Читам дома, во природа, додека патувам, на плажа или планина.

Моника: Немам некое конкретно место, но би рекла дека омилено ми е она место што е тивко, без многу луѓе и по можност многу сонце.

 

Колку книги читате месечно во просек?

Билјана: Кога бев во средно училиште месечно читав повеќе. Откако почнав со факултетот поради поголеми обврски, слободното време за читање ми се намали, но тоа не значи дека престанав со читање. Последните три години во просек читам три до пет книги месечно, зависно од слободното време и моето расположение.

Моника: Во просек, по три до четири книги месечно.

 

Дали читате повеќе книги истовремено?

Билјана: Се случува, но не често. Доколку читам две книги истовремено, тоа го правам од различни жанрови (најчесто трилер и романса), за да не ги измешам имињата на ликовите и случките.

Моника: Не. Секогаш останувам фокусирана на една книга и се обидувам да ја прочитам, па потоа ја земам следната што ми е од интерес. Би рекла дека ако се фокусираш на повеќе книги истовремено, се губи интересот за некоја од книгите.

 

Дали за вас постои филм што е подобар од книгата?

Билјана: Да, тоа е филмот „Tres metros sobre el cielo“ или во превод „Три метри над небото“, бидејќи книгата има лош превод и се „изгубив“ при читањето.

Моника: Па, не, секогаш книгата е онаа што ме освојува.

 

Која беше последната книга што ја оценивте со пет ѕвезди?

Билјана: „Подарокот“ од Луис Џенсен, чиј крај ме остави со подотворена уста. Ја препорачав на сите мои пријатели кои читаат книги.

Моника: Последна прочитана книга ми е „Од жарјето“ од Али Мартинез, која ја оценив не со пет, туку со десет ѕвезди. Навистина многу ми се допадна.

 

Кои книги ги прочитавте поради тоа што некој друг ги препорачал на „Букстаграм“?

Билјана: Често сретнувам препораки за книги на „Инстаграм“ или на „Тик-ток“. Преку нив решив да ги прочитам „Седумте мажи на Евелин Хуго“, „Душокршачот“, „Девојката на командантот“ и „Сопругата на дипломатот“.

Моника: Би ги издвоила „Верити“ од Колин Хувер и „Криј се“ од Лиса Гарднер.

 

Дали би избрале да ја прочитале најлошата книга на светот или би го изгледале најлошиот филм на светот?

Билјана: Би го изгледала најлошиот филм на светот, бидејќи ќе ми одземе помалку време и не би се разочарала толку многу доколку се случи истото со книга за којашто ќе ми се потребни повеќе часа за да ја прочитам, за кои подоцна ќе се каам и ќе бидам разочарана.

Моника: Одбирам да го изгледам најлошиот филм на светот.

 

Кои се топ 5 книги на сите времиња за вас?

Билјана: Па, не би ги нарекла топ 5 на сите времиња, бидејќи постојано откривам нови книги и писатели, а секојдневно се издаваат илјадници книги. Од оние што сум ги прочитала досега и ми оставиле некаква трага во срцето тоа се: „Клетници“, „Ова завршува со нас“, „Сенка на ветрот“, „Затоа што те љубам“ и „Зад затворени врати“.

Моника: Ух, ова е тешко прашање, но би ги издвоила „Ова завршува со нас“, „Злосторство и казна“, „Ана Каренина“, „Хирургот“, „Евгениј Онегин“ и „Во името на предците“.

 

Дополнително прашање: Омилена жена-автор и омилен цитат поврзан со жената.

Билјана: Омилена писателка ми е Колин Хувер. Омилен цитат: „Половина од нејзината убавина е нејзиниот мозок“.

Моника: Мојата омилена авторка е Колин Хувер. Омилена книга од неа ми е „Ова завршува со нас“, а омилениот цитат од неа гласи: „Сите луѓе прават грешки. Она што ги одредува нашите карактери не се грешките што ги правиме, туку тоа како ги сфаќаме нашите грешки и дали ќе ги претвориме во лекции наместо во изговори“.

Дополнително прашање 2: Дали постои уште нешто што сакаше да те прашаме, а не го сторивме тоа?

Мислам дека не, прашањата ни беа интересни и несекојдневни. Уживавме додека ги одговаравме. Благодариме за поканата.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

02.
Mar.
#Bookstagram
Секој збор, секоја реченица, секоја страница е залудно напишана ако не си го пронајде патот до своите читатели. 
array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.76 MB