Интервјуа

Владимир Лукаш: Поклони се и почни им порачува на децата никогаш да не престанат да се радуваат!

02.12.2022.
Владимир Лукаш: Поклони се и почни им порачува на децата никогаш да не престанат да се радуваат!

Една година по промоцијата на стихозбирката за деца „Ши, ѕифри, копчи“, познатиот автор и сестран визуелен уметник, Владимир Лукаш, ја објавува својата втора сликовница во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, „Поклони се и почни“. Тој е автор на текстот, а илустрациите ги нацрта уметникот Љубиша Камењаров. Книгата ќе биде промовирана денеска (петок, втори декември) во 18:30 часот, во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“. Промоторка ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска. Настанот ќе почне со работилница за деца, инспирирана од ликовите во книгата. Неколку дена подоцна, в недела (четврти декември), во 11 часот ќе се одржи уште една работилница за деца, во „Кафе Литература“ во „Ист гејт мол“.

На работилниците, децата ќе сечкаат и ќе лепат книжни круни со ликовите од книгата, разделници во форма на микрофони и ќе учат да римуваат со спојување картички со зборчиња.

„Поклони се и почни“ го поттикнува секое дете да го земе микрофонот на своите желби в раце и да ја почне забавата на детството по сопствена мера. Како вистинска, среќна „ѕверка“!

Пред да се поклони и да почне со промоцијата, поразговаравме за новата книга и за пораката до децата и за соработката со илустраторот Камењаров.

* Која е главната порака што сакате да им ја пренесете со новата книга на децата?

– Да не престанат да се радуваат! Никогаш! Животот не е само полесен кога радоста трчка горе-долу низ целото битие на детето (а и на возрасниот), туку без неа е дури и невозможен. Радоста е љубопитна, храбра, неуморна и заедно со љубовта ја создаваат најконструктивната сила во вселената.

* Како настана соработката со Љубиша Камењаров на оваа сликовница и дали ова е прва ваша заедничка книга? Колку се надополнувавте во процесот на создавање на книгата?

– Соработката настана приближно вака:

Јас: Љубе, имам еден текст што сакам и сака да го илустрираш. Ќе го илустрираш?

Љубиша: Ајде!

Јас: Јухуууу!

Со Љубиша другаруваме одамна и отсекогаш сме се надополнувале во животот. Сликовницава не беше исклучок, туку само уште едно надополнување на нашата другарска приказна.

* Затоа што и самиот сте илустратор и визуелен уметник, како ги замислувавте ликовите при нивното создавање? Колку цртежите на Камењаров се поклопија со Вашата визија?

– Токму вака! И да сум ги замислувал поинаку, сите претходни слики ми исчезнаа од главата како неинтересна вест. Не се поклопија цртежите на Љубиша со мојата визија, туку ни се поклопија визиите и си создадовме една – заедничка. „Поклони се и почни“ е првата сликовница што тој ја илустрирал, но Љубиша е зрел, инвентивен автор и затоа цртежите личат како да му е илјада и првата сликовница.

* Кој и што Ве инспирира при создавањето на приказната и како настанаа главните ликови: штурчето Свирче, богомолката Богдана, бумбарот Јакоб, дабарот Дрварко и црвеношиестиот валаби... Се пресликуваат ли со личности (и случки) од Вашето опкружување? Ве има ли вам и Камењаров во оваа весела дружина?

– Секако дека го има Љубиша во оваа весела дружина – без него животните не сакаа да потпишат договори за согласност за учество во сликовницава. Во времето кога ја пишував приказната, работев или, поточно, се радував работејќи на уште две книги за деца: „Пу за Мите, пу за сите“ (Чудна шума, 2022) и „Ши, ѕифри, копчи“ (Арс Ламина, 2021), а за време на радосноработниот процес, карактерите скокаа од една приказна во друга и честопати не знаев во која авантура здувнале. Кога пишувам за деца, моето опкружување е полно со шуми, верверички, пуми, орангутани и еднорози, но понекогаш, сакал-нејќел, ќе се провлечат и личности од помалку ѕвонливата реалност.

* Како и во „Ши, ѕифри, копчи“, главните ликови се животни. Како настана изборот на новите ликови, дали се помузикални од другите?

– Има една музикална крава од стихозбирката „Хор во задниот двор“, на мојот драг пријател и сосвирник Владимир Мартиновски, која се понуди да им ги наштима гласните жици на животните од „Поклони се и почни“, но тие имаа работни обврски (читај – се заиграа) во различни шуми и штали и, за жал, не им се поклопија датумите... Но, како и да е, за сликовницата ангажиравме ансамбл составен од професионални музичари-животни и сѐ заврши во најдобар ред.

* „Поклони се и почни“ е симболичен поттик за секое дете да го земе микрофонот на своите желби в раце и да ја почне забавата на детството по сопствена мера. Колку денешните деца се креативни во игрите и во создавањето на свој игрив свет?

– Минатите, денешните и идните деца, во каков и свет да живееле, живеат или ќе живеат, имаат една заедничка работа: креативноста. Децата се вонземно креативни, бескрајно љубопитни умни главчиња, кои лесно можат да најдат шума таму каде што возрасните не можат да најдат ниту дрвце. Без разлика дали играат џамлии, „народна“, „сервис“ или видеоигра, децата внимателно (ќе) си ги создаваат своите чудесни светови.

* И Вашата претходна сликовница е всушност стиховница „Ши, ѕифри, копчи“. И таму случувањата ги раскажувате во рими... Дали оваа „форма“ на творење Ви е наједноставна, најприродна воопшто при творење или така е затоа што кога има рима и ритам е поразбирливо за децата?

– Не сум сигурен дали е потребна рима – таа шарена и ѕвонлива ѕверка – во оваа неѕвонлива и сива стварност што се мурти и го осудува сето она што не го разбира. Но, римата и ритамот, особено во формативните години кога сите фактори за интересност работат деноноќно, навистина многу придонесуваат за полесно сознавање на светот сосе сите негови чуда и врагови. „Ши, ѕифри, копчи“ е песнарка, „Поклони се и почни“ е приказна за еден песнар... Сè е едноставно и ништо не е едноставно кога се пишува за деца: крокодилите на патот немаат помеки заби, само посмешни.

* За кој профил на деца/читатели е наменета новата книга и има ли основа од оваа книга да се роди анимиран филм или театарска претстава... можеби мјузикл?

– Сликовницата е наменета за сите профили на деца, како и за сите профили на возрасни. Но, постои еден услов: пред да почнете да ја читате приказната и пред да нурнете во фантастичните илустрации на Љубиша, ставете ги намуртките во кутиче и скријте го кутичето подалеку од вас. Овој услов не важи само за конкретнава сликовница, туку за сета детска книжевност. Со Љубиша веќе коваме планови за краток анимиран филм, радиодрама и сѐ по список. Сѐ што треба да направиме е да си ги засукаме ракавите, да се поклониме... и да почнеме.

Сликовницата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk, на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14943

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

14.
Feb.
Интервјуа
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што п...
13.
Feb.
Интервјуа
Дејан Василевски - добитник е на повеќе награди за неговата кратка проза и неговите песни и е објавен во повеќе литературни списанија и една антологија....
15.
Sep.
Интервјуа
Зошто сјајот и бедата на славата ѝ се толку инспиративни и како ги прикажува во романите ни открива авторката на бестселерите: „Дејзи Џонс енд Д с...
06.
Jul.
Интервјуа
Со моите сликовници сакам да им помогнам на децата да го прифатат светот околу нив
array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.13 MB